За проектот
Arhaeosemiotics - насловот на оваа веб-страна е замислен како кованица од зборовите семиотика – (наука за значењето / значењата) и архео - како префикс кој означува древно, архаично, исконско, архетипско и археолошко. Според тоа, овој наслов ја определува оваа веб-страна како место на кое се претстаавуваат научни факти и истражувања поврзани со семиотичките аспекти на древните и на архаичните култури, но и со исконските т.е. архетипските пластови на поразвиените и современите култури. Зад оваа веб-страна стои група луѓе кои главно живеат и работат во Скопје (Република Македонија). Најголем дел од нив се археолози, историчари на уметноста и етнолози, што целиот проект го насочува повеќе кон сферите на визуелното, ликовното, просторното, предметното и обредното отколку кон вербалното. Тоа значи - повеќе кон сликата, скулптурата, архитектурата, артефактите, ритуалот и телесноста, отколку кон изговорениот или напишаниот збор.
Основните принципи на истражување и други форми на дејствување на оваа група се базираат врз следните концепти т.е. методи:
Семиотички метод
Компаративен метод
Интердисциплинарен метод
Интеркултурален метод
АРХЕОЛОГИЈА - АРХЕОСЕМИОТИКА
Денес на почетокот на 21. век, археологијата како наука веќе ја има јасно определено својата суштина. Тоа е општествена наука чија цел е проучување на човештвото, односно човекот и неговата култура. Како и другите историски науки (историја, историја на уметноста, етнологија, антропологија …), таа е повеќе насочена и специјализирана да ги постигне овие цели истражувајќи го минатото на човештвото и тоа пред сé преку материјалните остатоци на човековата култура (=археолошки наоди). Во текот на 19. и 20. век, оваа наука била повеќе насочена кон проучување на самите материјални остатоци (методите на нивно откривање, документирање, хронолошко и културно определување) отколку на посочените главни цели. Но, почнувајќи од втората половина на 20. век, во археологијата започнаа да се разработуваат методи за користењето на овие наоди во проучувањето на самиот човек и неговата култура. Со тоа се случи процес на проткајување на целите на археологијата со целите на останатите општествени науки, со што се отвори можност за вистински влез на археологијата како рамноправен член во кругот на овие научни дисциплини. Во рамките на овие концепции започна постепено да се диференцира еден пристап со кој археолозите (најчесто во содејство со други науки), врз основа на проучувањето на материјалните остатоци, влегуваат во анализа на когнитивните сфери на луѓето - припадници на древните култури. Овој термин ги опфаќа: - принципите и концептите на мислење; - мотивите кои стојат зад одредени културни феномени; - психолошкиот профил на човекот од минатите епохи; - разни аспекти од социолошката сфера; - феномените симбол, мит, религија, култ, претстави за светот и за човекот. Овие концепти се определени како специфична поддисциплина на археологијата, именувана како семиотички пристап во археологијата или како когнитивна археологија.
Зошто археологијата го има еминентното право и должност да ги истражува не само изворите (граѓата) на културно-историските процеси од минатото, туку и самите тие процеси?
Затоа што во многу случаи, археолозите зе најмотивираните, најдобрите, најсестраните, а во некои случаи и единствените познавачи на древните култури. Затоа што тие се најдобрите познавачи на материјалните наоди во сите нивни аспекти, па оттука и најповикани и најмотивирани, од сиот овој конгломерат да го извлечат семиотичкиот т.е. значенскиот слој на овие наоди.
ПАЛЕОЛИТ
НЕОЛИТ
ЕНЕОЛИТ
БРОНЗЕНО ВРЕМЕ
ЖЕЛЕЗНО ВРЕМЕ
РАНА АНТИКА
РИМСКО ВРЕМЕ
Интердисциплинарен метод
Семиотиката не е засебна наука, туку пристап кој се спроведува во рамките на граѓата, задачите и методите на разни научни дисиплини. Оттука, дејностите подведени под насловот археосемиотика, нужно ја подразбираат примената на интердисциплинарноста и тоа поради неколку причини. Археологијата и историјата на уметноста, уште во својот зародиш се принудени кон постојан меѓусебен дијалог, и дијалог со други општествени науки како што е историјата, социологијата, антропологијата, етнологијата, естетиката итн. Во едно семиотичко истражување на овие сфери, интердисциплинарноста станува уште понеопходна поради подлабок и поефектен продор во заборавените култури од кои потекнува истражуваната граѓа.

